Спас за Прилеп: Најсилната и најдолгата борба против модерните окупатори
30-05-2025 | Прилеп | Загадување на вода
Бушење, копање и тероризирање на еден од најважните локалитети на светот. Вака се разбудија прилепчани пред скоро две години, а битката од тогаш не е застаната.
Криминал од тешка категорија, испреплетени бизнис интереси кои гледаат само за својот џеб и уништување на природата од невиден размер.
Да почнеме од почеток.
2021-2023: Контроверзниот договор за изградба на нов автопат
Во 2021, владата на Македонија (предводена од СДСМ и ДУИ), го започнува амбициозниот план за изградба на 110 километри нов автопат, како дел од Европскиот логистички план, коридорите 8 и 10д. (извор)
За да се забрза „проектот на векот“, во јули 2021 г. се изгласува „специјален закон“, со кој се дозволува да се избере било кој странски конзорциум, без јавен тендер. (извор)
Ова овозможува да се постигне директен договор со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, кој е потпишан во март 2023 година. (извор)
Договорот вреден 1.3 милијарди евра (плус околу 300 милиони евра за експропријација на земјиште), е склучен зад затворени врати, без никакви информации за јавноста. (извор)
Опозицијата во тоа време, обвинува дека позади договорот стои и личен интерес, и објавуваат дека го виделе договорот, и во истиот владата се обврзува да плаќа пенали, доколку одредени закони не се сменат на време. (извор) На пример, излезе информација дека Македонија ќе мора да плати неколку милиони евра, доколку не смени неколку закони за да се олесни изградбата. (извор, извор)

Пролет 2023: Експресна измена на закони за градење
За да ја исполни својата страна од договорот, владата во 2023 експресно поднесува амандмани кои опфаќаат најмалку 8 постоечки закони. (извор)
Во најбрз можен рок се прават измени на закони за труд, експропријација, градење, просторно планирање итн., наводно за да се забрза проектот, и најсомнително – измена на закони кои ќе ја „олабават“ заштитата на нашето културно наследство, на која протестираа археолозите. (извор, извор)
Се искористи „знаменцето на ЕУ“ за да се забрзаат овие измени, на што владата доби и предупредување од делегацијата на ЕУ дека таквите измени на законите не се во согласност со стандардите на унијата. (извор)
Критичарите и јавноста особено беа гласно против измена на законот за труд и работа, во кој се дозволува работниците да работат и 60 часа неделно за да го изградат коридорот. (извор)
Иако тогашната опозицијата не се согласуваше, на контроверзната седница, владата ги спроведе амандманите и ги измени законите на 26-ти мај 2023 г. (извор)
Во мај 2023, почнаа да се поставуваат прашања за договорот со „Бехтел и Енка“, а „Државната комисија за спречување на корупцијата“, заедно со јавното обвинителство, отворија истрага за истражување на договорот и измената на законите. (извор)
Владата ги предаде договорите за истрагата, меѓутоа нецелосни, во скратена форма, под изговор дека условите на договорот не дозволуваат целосно јавно објавување. (извор)
Овие тајни зделки, брзото менување закони и целокупното сомнително однесување, се почетокот на загревање на целата ситуација, како и почетокот на освестување на јавноста и различните здруженија за опасноста на целиот проект.
2023-2024: Каракамен
Каракамен (или Црн камен) се наоѓа помеѓу селата Алинци и Шелеверци (10 километри јужно од Прилеп) и е една од најважните точки во светот, кога станува збор за ретки археолошки и минерални наоѓалишта. (извор)
Како официјално заштитена зона на културно наследство, Каракамен е од суштинско значење за Македонија. Не само што е редок локалитет со значајни културни остатоци од повеќе праисториски периоди, Каракамен е единственото место во светот по бројот на ретки минерали, вклучувајќи го и македонитот – кој го добил името по нашата земја, бидејќи го нема никаде на друго место.
Освен македонит, на Каракамен се наоѓаат повеќе од 20 други ретки минерали, меѓу кои – амазонит, титанит, рутил, монацит, арфедсонит, антас и кварц.
Во археолошките кругови Каракамен е познат како „геолошки музеј под отворено небо“ поради уникатните и вредни минерали, а до ден денес е посетен од геолози и археолози од целиот свет. (извор)
Ова место е исто така и многу важен археолошки локалитет со остатоци од неолитот, означувајќи го како значајно културно, но и фолклорно наследство на Македонија, со преданија за свето место на кое се наоѓале огромни монолити кои може да се споредат само со оние во Египет. (извор)



До појавата на „Бехтел и Енка“, Каракамен останува недопрен „музеј под отворено небо“, но сега се случува најстрашното – почнуваат масовни минирања, ископи и уништување на една од најважните точки во нашата земја.
Американско-турскиот конзорциум упорно тврди дека ќе користи материјал од Каракамен, како тампон за изградба на автопат, за кој геолозите од ГИМ (Градежен институт на Македонија) потврдија дека метеријалот е целосно неподобен за тампон.
Со бараните измени на законот за културно наследство, нашата влада ја „брише“ потребата од стручен археолошки надзор за сите заштитени археолошки наоѓалишта, или во превод – доколку градежната фирма наиде на археолошки/минерален локалитет, нема обврска ниту да ги извести надлежните, ниту пак да престане со работа. (извор)
Исто така, со измените за законот за минерални суровини, на изведувачите им е дозволено да ги експлоатираат сите минерали и материјали кои ќе им се најдат на патот. Во превод – може да ги украдат сите ретки минерали кои ќе ги најдат, без да известат никој.
Археолошките здруженија бурно реагираа на ова и излегоа на протести, присилувајќи ја владата да ги стопира овие измени. (извор)
Но и покрај ова, во декември 2023 година, „Бехтел и Енка“ почнува со минирање на Каракамен. Жителите се потресени од постојани гласни експлозии и ископи. (извор)
Машинеријата е поставена, уништувањето започна. Без легална концесија за рударење, без надзор, без согласност од жителите. (извор)
Покрај уништувањето на ретки природни минерали и артефакти, експлозиите оштетуваат и дел од куќите на селаните. (извор)
Апсурдот е очигледен – „Бехтел и Енка“ го масакрираат Каракамен за да земат материјал кој е полн со минерали, но исто така со многу мека структура, односно неподобен за материјал за автопат, а на само 10 километри е рудникот Сивец, кој има камења остатоци од рударењето и рудникот не знае што да им прави.
На 4-ти декември 2023 година, од Комитетот за заштита на природното и културното наследство е доставен апел до МВР Прилеп со кој јасно се укажува дека: се вршат масовни минирања врз заштитен арехолошки локалитет, се работи против законски дури и ноќе и се потенцира геолошката и економската важност за локалитетот. Меѓутоа, никој ништо не превзема.
Никој надлежен, ниту Министерството за животна средина, ниту Државиот инспекторат за животна средина, не излегоа со став или реакција, иако повеќе медиуми и здруженија јавно ги повикаа и побараа одговорност.
Веќе повеќе од очигледно е дека народот е оставен сам на себе.
Црвениот аларм е пуштен.
2023-2024: Прилеп, изворите за вода и Оревоец
По Каракамен, општина Прилеп, наеднаш се најде на мета и под сериозна закана за уништување на единствените извори за вода од кој пие цел град и околните села.
Инаку, Прилеп е еден од најслабо снабдените градови со вода, а прилепчани добро знаат и паметат што значи недостиг на вода за пиење.
Прилеп има само 4 извори со питка вода, Пашоски ливади, Лековски извори, Пештерички извори и изворот Душница токму под пазувите на планината Бабуна – локација запоседната од концесионери за мермер. Снабдувањето исто така зависи од издашноста на регионалниот водовод Студенчица во кичевско. (извор)
Коридорот 10д од договорот со „Бехтел и Енка“, предвидува изградба на автопат Прилеп – Битола (поврзување од 39 километри), кој ќе поминува точно низ планината Бабуна, веднаш до селото Оревоец (на 5 километри од Прилеп).
Со договорот, автопатите треба ќе се градат исклучиво користејќи локален материјал, а тоа значи отворање на градежна база веднаш до селото Оревоец, ископи, соголување и уништување на цело село, околината и единствените извори за вода.
И покрај овој сериозен проблем, владата без проблем им овозможува на „Бехтел и Енка“ да го узурпираат просторот, и да почнат со сечење на шума, минирање и копање.
Уште во 2022 година, за селото Оревоец е донесен детален урбанистички план, кој никако не предвидува рудници и било какви ископи, па така целата операција заедно со издадената концесија од страна на владата е незаконита. (извор)
Со право револтирани, жителите на Оревоец и Прилеп го блокираат патот, за да го искажат целосното незадоволство кон неправдата наречена „проект на векот“.
По тримесечно секојдневно блокирање на патот и по веста за добиената концесија, жителите на Оревоец на 12-ти август 2024 г., одржаа тричасовна блокада на патот Прилеп-Плетвар, кај месноста „Заполшки мост“, како револт поради ископите на „Бехтел и Енка“ до селото и владината одлука за издавање концесија, а потоа со протести застанаа пред зградата на Општината во центарот на Прилеп. (извор)
Од тука, се поставува главното прашање.
Зошто се уништуваат заштитени подрачја богати со минерали и локации веднаш до изворите за вода?
Веќе постоечките рудници за мермер во Прилеп имаат направено огромна штета со оставање на масовни планини мермерен отпад, кој може да се искористи како материјал за изградбата на автопатот.
Но бидејќи „Бехтел и Енка“ беа упорни да узурпираат заштитени подрачја богати со минерали, сега веќе гледаме дека целта на овие нови копови не е користење на тампон материјал за пат, туку нешто сосема друго.
После сите сомнителни активности, не може да го прескокнеме фактот дека во околината на Прилеп се наоѓа околу 80% од целото минерално богатство на Македонија.
Очигледно, Прилеп е мета на рударски грабеж, каде што владее енормна експлоатација на минерални суровини со која се уништуваат цели села, и каде целосно се занемарени основните права на на жителите за безбеден живот и безбедно користење на нивните домови.






2023-2025: Спас за Прилеп
Во екот на настаните и вжештената атмосфера, започнува движење на свесни и независни граѓани под името „Спас за Прилеп“, со една јасна цел – да ги стопираат сите активности за отворање нови рударски копови и спречување на рударски грабеж, кои се случува под изговор за градење на автопат „Бехтел и Енка“.
„Спас за Прилеп“, без претерување, е најупорното движење во новата историја на Македонија, кое со секојдневни блокади, повеќе од 280 дена, успешно го блокираше секое понатамошно уништување на Прилеп.
Без страв и со чисто срце, активистите од „Спас за Прилеп“ на дело покажуваат дека судбината на обичниот човек му припаѓа токму нему, а не на странски и домашни криминални структури кои работат само за сопствен интерес.
До ден денес, и покрај сите закани, саботажи и насилни прекини, активистите од „Спас за Прилеп“ ја продолжуваат борбата за чиста вода, воздух и враќање на тоа што е нивно.
Народот конечно се буди и сфаќа дека – моќта е кај нив. Тие се малку, ние сме многу.
Дел од најбитните активности
- 4 декември 2023: Доставен апел до МВР Прилеп од Комитетот за заштита на природното и културното наследство за заштита на Каракамен
- 15 декември 2023: Мирен собир на граѓани од Скопје, Велес, Струмица и Романија на Каракамен
- 11 јануари 2024: Три различни македонски ТВ медиуми на терен со репортажа за Каракамен
- 10 февруари 2024: Репортажи од различни медиуми
- 22 февруари 2024: Отворање на најбитните прашања околу „Бехтел и Енка“, рудниците за мермер и еколошка катастрофа (видео)
- април 2024: Поставување на стражарски пункт и почетокот на блокада која трае повеќе од 280 дена

- 29 април 2024: Првата блокада на оревоечкиот коп
- мај 2024: Почеток на дневните барикади и блокади на магистралниот пат
- 30 мај 2024: Гостување на поткаст
- 2 јуни 2024: Репортажи од повеќе медиуми
- 5 јуни 2024: Градоначалникот, советници и пратеници од ДПМНЕ на разговор со жителите
- 17 јуни 2024: Адвокатски тим поднесе барање за привремена мерка за донесување на одлука за прекин на сите работни дејствија на странската фирма
- 19 јуни 2024: Репортажи од повеќе медиуми
- 20 јуни 2024: Гостување на поткаст

- 10 јули 2024: Жителите од селото Оревоец бараат времена мерка за стопирање на активностите на ископот за тампон
- 25 јули 2024: Известување од адвокат Жарко Стеваноски до МВР Прилеп за сторено кривично дело – насилно прекинување на протестите на жителите на Оревоец
- 29 јули 2024: Протест и блокада на магистралниот пат во Прилеп
- 12 август 2024: Жителите на Оревоец одржаа протест во Прилеп и блокада на патот Прилеп-Плетвар
- 21 август 2024: Работен состанок на претставниците од Бехтел и Енка со претставници на с. Ореовец, на кој од страна на жителите на с. Ореовец беа пренесени аргументираните причини за неможноста да се врши ископ на материјал од непосредна близина на селото поткрепени со експертски наоди од вешти лица од различни области.
- 28 јануари 2025: Гостување на поткаст
- 30 јануари 2025: Повторно загадување на прилепското езеро од мермерна прашина (видео)

- 5 февруари 2025: Репортажа за Прилеп и недостатокот на вода
- 17 мај 2025: Повторно бушење во близина на изворите за вода (видео)

- 21 мај 2025: Поддршка за Битола против загадување на Пелагонија (видео)
- 29 мај 2025: Гостување на вебинар во живо во ООН
2025: Зошто молчат одговорните?
Како што веќе утврдивме, по кој знае кој пат, иако има докази за крајно криминален договор со „Бехтел и Енка“, владата, политичарите, градоначалниците и надлежните министерства – молчат.
Тие кои треба да сносат одговорност, одбиваат да одговорат дури и на наједноставните прашања од јавноста.
Тогашната власт (на чело со СДСМ и ДУИ), потпиша таен договор за кој никој точно не знаеше што содржи, а тогашната опозиција (ДПМНЕ), иако гласно се противеше во јавност, па дури и отворено ги поддржуваше оние кои протестираа, нарекувајќи го проектот „најголемиот криминал на векот“, наеднаш молкна кога дојде на власт. (извор)
Единствено се огласи премиерот Христијан Мицкоски, кој проблемот го гледа во претходната власт (како и сите кои одбиваат да сносат одговорност), и единствено е загрижен за тоа колкави пенали ќе треба да плаќаме доколку проектот не се заврши. (извор)
Инаку, Оревоец не е „елитна“ или „викенд“ населба, како што сака да каже премиерот, туку живеалиште на селани, жители, на кои таму им се единствените домови.
Грабежот и уништувањето продолжуваат и денес сведочиме како партиите на власт станаа соучесници на странските приватни конзорциуми кои само го зголемија бројот на локации на кои ја пустошат Македонија.
2014: Кој и зошто одлучил да прави рударска колонија од Македонија?
Не е се така наивно како што изгледа, ако се вратиме назад ќе видиме дека проблемот е далеку пострашен.
Уште во 2014 година, владата на Никола Груевски донела одлука да се издаваат концесии за проспекциски геолошки истражувања за металични минерални суровини, за цела источна Македонија. (извор)

Оваа одлука, објавена во Службен весник и потпишана од тогашниот вицепремиер Владимир Пешевски, овозможи истражувања во 22 општини од источна Македоинија, вклучувајќи ги Делчево, Пехчево, Берово, Радовиш, Штип, Карбинци, Чешиново-Облешево, Зрновци, Виница, Македонска Каменица, Радовиш, Василево, Струмица, Дојран, Валандово, Богданци, Гевгелија, Кавадарци, Неготино, Градско, Демир Капија и Конче.

До април 2016 година, склучени се 43 договори за концесии, од кои 18 се однесуваат на истражувања за бакар, злато, сребро, олово, цинк и други минерали. Меѓу компаниите кои добиваат концесии се и странски фирми како канадската „Невсун“ и турската „Калтун маденџилик“, како и домашни компании како „Сардич МЦ“ и „Интернешенал мајнинг компани“.
„Пандорината кутија“ е отворена. Пратена е отворена покана до сите странски конзорциуми, да дојдат и да ја узурпираат Македонија.
2025: Борбата продолжува
„Спас за Прилеп“ успеа во нешто што многумина го нарекоа – невозможно.
Го одбранија тоа што е правно, материјално и духовно – нивно.
Покажаа дека не само што треба, туку Македонецот мора да го крене гласот и да каже СТОП.
СТОП за сите окупатори, узурпатори, крадци и уништувачи на нашата природа и живот.
Борбата продолжува и денес, Прилепчани нема да се откажат и гласно порачуваат: Рудници нема да има. Тие са малку, ние сме многу.
За сите наши деца и идни генерации, ве повикуваме сите да го следите примерот „Спас за Прилеп“ и да застанете без страв во одбрана на тоа што е наше.
Следи ги „Спас за Прилеп“
Остани во тек и поддржи ги на нивниот Facebook и Instagram профил.
Знаеш за проблем кој се случува во твојата општина? Пријави го тука или пиши ни на Facebook или Instagram.