Градски Парк Скопје: Сечење и кастрење на 416 дрва
27-05-2025 | Скопје | Сеча
Кој и зошто се брза да „среди“ 416 дрва во Градски Парк Скопје – единствената „зелена оаза“ во која илјадници луѓе наоѓаат прибежиште секој ден?
Да почнеме од почеток.
На 16.04.2025, по барање на ЈП „Паркови и зеленило” Скопје, Градоначалникот на Град Скопје донесе решение за сечење на 113 и кастрење на 303 дрва во Градски Парк Скопје.
Во образложението се наведува:
„Постапувајќи по службена должност вработени стручни лица од Град Скопје и службеници од ЈП “Паркови и зеленило” – Скопје, извршија непосреден увид на посочената локација. При тоа е утврдено дека дрвата коишто се за сечење се целосно суви, шупливи, заболени и нападнати од габи деструктори, опасни да паднат и причинат материјална и човечка штета на јавен простор и не постојат услови за пресадување на дрвата. Додека пак дрвата коишто се за кастрење имаат суви надвиснати гранки над патеките, гранки вплеткани во кабли од електрична инсталација, а потребно е да се изврши и подигнување на долните ниски гранки од крошните на дрвјата.“
Целото официјално решение може да го видите тука.
Да преведеме за обичниот човек – со спреј се обележани над 400 дрва со ознаки „С“ (сечење) и „К“ (кастрење), на скоро секој чекор, и во стариот и во новиот дел од паркот.
На 19.05.2025 (понеделник) во 12:45 часот, по објава и иницијатива на „Зелен Хуман Град“, се оддржа обиколка на дрвата во паркот, заедно со Секторот за комунални работи од Град Скопје, ЈП „Паркови и зеленило“, професорот Јане Ацевски од Шумарскиот факултет, граѓани и активисти од повеќе градови.
На обиколката (меѓу кои беа и членови на ЗЕЛЕНА НАРОДНА СТРАЖА), веднаш се открија многу проблеми и неконзистентности:
- Обиколката траеше околу 3 часа, а за тоа време успеавме да поминеме само околу 10% (40) од обележаните дрва
- Веднаш се забележаа 8 дрва на кои дел им беше избришана ознаката за сечење, а на дел од нив им беше сменета ознаката од „сечење“ во „кастрење“, што значи дека беа погрешно означени
- Постојат суви и исушени дрва кои секако претставуваат опасност и никој не оспорува дека тие дрва треба да се отстранат, но има и живи, здрави дрва кои се означени за сечење
- Сега не е сезона на кастрење, се кастри во доцна есен или рана пролет
- Се сечат едни од најстарите дрва во паркот – тополите, кои се здрави, а официјалното објаснување на професорот беше: “Сите тополи во Македонија треба да се исечат, тие се опасни дрва, не се знае дели ќе падне утре или за 10 години…“
- Добивме незадоволитени одговори на прашањата:
П: „Зошто се чекало до сега?“
О: „Никој ништо не знае, тие претходно што одлучувале не си ја вршеле работата…“
П: „Зошто не се лекуваат дрвата, наместо да се сечат?“
О: „Касно е за лекување, немаме ни капацитет за тоа…“
П: „Како да знаеме дека тие кои ќе ги кастрат дрвата, знаат што точно прават?“
О: „Ако зборуваме за стручно кастрење, ретко кој знае да го прави тоа…“
П: „Зошто да се скратува кислородот кој и онака е тешко да се најде во Скопје?“
О: „Овие дрва не ги гледајте за кислород, кислород има само во шума, ако сакате кислород – сите по една боца да си земете…“
Се поставуваат прашањата:
- Колку време им треба на надлежните од ЈП „Паркови и зеленило“ вистински да ги анализираат сите 416 обележани дрва, со оглед на тоа што веднаш се увидоа грешки?
- Ако ние со обиколка на 40 дрва ја сменивме одлуката за 8 дрва (што е 20% од прегледаните дрва), дали со правилна обиколка на 416 дрва ќе се смени одлуката за 80+ дрва?
- Зошто до сега не се реагирало на време, и зошто не може да се лекуваат дрвата?
- Како да знаеме дека тие кои ќе ги кастрат дрвата, знаат што точно прават? Бидејќи дел од искастрените дрва (во парк, како и низ цело Скопје) не личат на ништо по кастрењето, а најголем дел од нив се сушат и умираат следната година откатко се кастрени.
- Зошто ако „сите тополи се опасни“, во официјалното решение стои дека ќе се кастрат, а не сечат, 26 тополи? Зошто низ цела Македонија постојат прекрасни, здрави, стари тополи, кои не претставуваат никаква опасност? Зошто постојат огромни познати паркови во светот со едни од најстарите тополи?
- Зошто не функционира „Зелен Катастар“ на Град Скопје?
ЗЕЛЕНА НАРОДНА СТРАЖА бара:
- ИТНА РЕВИЗИЈА НА СИТЕ ДРВА: Со надзор од легитимни експерти и посветување на целосно време и внимание на секое обележано дрво
- ОФИЦИЈАЛНО ОБЈАСНУВАЊЕ ЗА ТОПОЛИТЕ: Дали сите шумарски експерти во Македонија го делат истото мислење дека „сите тополи се опасни и мора да се исечат“?
- ЛЕЧЕЊЕ НА ДРВАТА: Зошто дрвата не се лечат пред да се сечат и кастрат? Бидејќи знаеме дека другите земји го практикуваат тоа.
- ФУНКЦИОНАЛЕН ЗЕЛЕН КАТАСТАР: Постоечкиот зелен катастар (систем за мапирање и следење на животот на сите засадени дрва), очигледно не функционира и не се ажурира






