Кој сака да го претвори Ѓорче Петров во зона на смртта?

09-06-2025 | Ѓорче Петров | Загадување на вода

На 15-ти февруари 2024, на вонредна седница, во тајност и брзање, се носи Детален урбанистички план (ДУП) за градска четврт С3 16 во Општина Ѓорче Петров, Скопје.

Освен зградите кои ќе се градат на просторот од кружниот тек кај Порта Влае кон гаражите на ЈСП „Скопје“ (на границата на Општина Ѓорче Петров со Општина Карпош), предвидена е и изградба на ТРИ ОПАСНИ ХЕМИСКИ ФАБРИКИ, и тоа врз бунарите Нерези-Лепенец, со што се загрозува 30% од питката вода за пиење.

Што предвидува новиот ДУП?

  • Вкупно изградена површина од 214 илјади квадратни метри
  • Околу 93 илјади квадратни метри за големи трговски единици
  • Околу 64 илјади квадратни метри за намена Г2 – лесна и незагадувачка индустрија
  • Околу 157 илјади метри квадратни за хемиска индустрија (фабрики)
  • Нови згради за над 7,000 нови жители
  • Една 21-катница, една 18-катница, четири 16-катници, две 14-катници, шест 11-катници, седум 9-катници, една 6-катница и девет згради на пет ката

Зошто новиот ДУП е директна закана по здравјето и животот на Скопјани?

  • Предвидена е изградба на три хемиски фабрики, во бунарското подрачје Нерези-Лепенец, од каде Скопје пие 30% од водата
  • Постоечкиот Генерален урбанистички план (ГУП) предвидува 3.750 максимален број на жители, а новиот ДУП 7.244, значи ДВОЈНО ПОВЕЌЕ
  • Со постоечкиот ГУП, максимално дозволената нето густина на населеност е 335 жители на хектар, додека со новиот ДУП е 648 жители на хектар, значи ДВОЈНО ПОВЕЌЕ
  • При катастрофа и криза од природна непогода, се соочуваме со опасност половина Скопје да биде отсечено, бидејќи не е коригиран ДУП-от, согласно укажувањата од Град Скопје и согласно со стандардите
  • Над 100,000 метри квадратни се продадени за само 70 денари по метар квадратен

Зошто се усвојува новиот ДУП, кога постојат повеќе докази за негова нелегалност?

Уште кога спорниот ДУП е донесен (19-ти февруари 2024), градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, го оспорува донесениот план и бара да се донесе постапка пред Уставен суд за негово укинување.

Јакимовски тврди дека новиот ДУП е донесен на криминален начин, а масовните хемиски фабрики директно ќе го загрозат животот на Скопјани, со оглед на тоа што се предвидени да се изградат во близина на бунарите Лепенец и Вардар.

Токму во ова бунарско подрачје, има исклучителна квалитетна вода за пиење, со која во летните периоди се надоместува над 30% од потребите на Скопје.

Уште еден криминален момент е тоа дека над 100.000 метри квадратни (над 10 хектари), се продадени за само 70 денари по метар квадратен. (извор)

Освен Јакимовски, противник на новиот ДУП е и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Арсовска јавно го оспоруваше планот уште во периодот на негово донесување, ставајќи акцент на хемиските фабрики кои треба да се изградат на 157 илјади метри квадратни.

Најважно од сѐ, целиот опфат на ДУП-от е во втора заштитна зона на бунарското подрачје Нерези-Лепенец, каде меѓу другото е забранета изградба на нови индустриски комплекси кои во технолошките процеси користат опасни и штетни материи.

Забранета е изградба на лесна индустрија, на згради и сè што може да ги загади подземните води, освен ако стручна експертиза докаже дека нема да има штетно влијание врз подземните води, со посебни услови, строги мерки на заштита.

Арсовска: „Наместо да се дислоцира постоечката индустрија во овој дел, да нема градби, да се заштити просторот, се планира и нова индустрија и еден тон згради.

А таму, сред населено место и врз бунарите на питка вода за Скопје, си поминаа изградба на хемиски фабрики за кои ние имаме доставени во 6 наврати сериозни забелешки за незаконитости и неусогласеност со ГУП и не дадовме позитивна согласност, без која не смее да се гради!“ (извор)

Зошто Уставен суд воопшто не го разгледува случајот?

Уште во февруари 2024 година, Град Скопје не дава согласност за изградба на трите индустриски објекти и хемиски фабрики на 157.000 метри квадратни, како и за 30-те висококатници со кои ќе се пренатрупа за двојно повеќе бројот на жители во Ѓорче Петров.

Одлуката е официјално обжалена до Уставен суд уште тогаш, и иако доказите се јасни, сепак новиот ДУП е донесен.

На 28-ми мај 2025 година, после повеќе од година од жалбата донесена од Град Скопје, судиите од Уставен суд одлучуваат вооппшто да не ја разгледаат иницијативата за оценка на уставноста на спорниот ДУП.

Од Уставен суд известуваат дека:

“Не се поведува постапка за оценување на уставност и законитост на Одлуката за донесување на ДУП за Градска четврт С3 16 Општина Ѓорче Петров, Скопје од 17.02.2024 година, информира попладнево Уставниот суд.

Судот не ги прифати наводите на подносителката на иницијативата Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје од причина што не најде повреда на законитоста и уставноста на постапката за донесување на оспорената Одлука за ДУП.

Не се докажа дека со Одлуката е направена повреда на Статутот на Општина Ѓорче Петров, на Законот за локална самоуправа, на Законот за Град Скопје, на Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и на членот 52 од Уставот, додаваат од таму.” (извор)

Кој е вмешан?

Како и сите криминогени активности во Македонија, и ДУП-от за Ѓорче Петров очигледно е надпартиски, а про-уништувачки.

Додека политичките партии си ја префрлаат вината и апсолутно никој не носи одговорност, обичниот граѓанин треба да знае дека – ДУП-от се готвеше повеќе години, и од СДСМ и од ВМРО ДПМНЕ, и беше изгласан и од двете партии. (извор)

  • 2020 година: Првата јавна анкета за ДУП-от се одржува додека градоначалник е Александар Наумоски (СДСМ).
  • 2021 година: Се прават уште две анкети, една на сред годишен одмор (август 2021), а втората веднаш пред локалните избори (септември 2021). Но не стигнуваат да го изгласаат.
  • 2022 година: Се прави четврта анкета во ноември/декември, сега под градоначалникот Александар Стојкоски (ВМРО ДПМНЕ)
  • Додека се во опозиција, ВМРО ДПМНЕ се против носење на ДУП-от, а потоа си го гласаат на вонредна седница.
  • СДСМ тогаш се за носење на ДУП-от, а кога се во опозиција се воздржани, но добро знаат дека истиот ќе се изгласа и без нивните гласови.

Меѓу другите кои го оспоруваат и критикуваат новиот ДУП, исто и „О2 Иницијатива“ даваат свој осврт:

  • На вонредната седница свикана за еден ден и одржана во сабота (вонредни седници не се за гласање на детални урбанистички планови), советниците на општина Ѓорче Петров, без ниту еден глас против, го гласаат спорниот ДУП.
  • Советниците на ВМРО ДПМНЕ гласале „за“, советникот на ГРОМ „за“, советникот од Демократски Сојуз на Павле Трајанов исто „за“, Левица со едниот присутен советник „воздржано“ и советниците на СДСМ „воздржано“.

Но, апсурдот не застанува тука.

Што прави Министерството за животна средина?

Уште на 18-ти декември 2020 година, Министерството за животна средина и просторно планирање, испраќа официјално известување до Општина Ѓорче Петров во врска со нивното барање за новиот ДУП за градска четврт С3 16, кое гласи:

„…Вашата Одлука за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина и формуларот, Министерството за животна средина и просторно планирање ги прифаќа.

Со ова, ситуацијата со новиот ДУП станува уште посомнителна, и се поставува главното прашање:

Зошто Министерството за животна средина одлучува да не спроведе стратегиска оцена за влијанието врз животната средина, и тоа уште во 2020 година?

Подолу целиот официјален документ:

За да е апсурдот поголем, потпишаниот заменик министер на МЖСПП е Христина Оџаклиеска, која е член на партијата ДОМ, која инаку се залага за стопирање на рудниците во Иловица.

Повик до сите Скопјани

Зелена Народна Стража ги повикува сите жители на Ѓорче Петров, Скопје и сите свесни луѓе, да застанат цврсто и без страв во одбрана на изворите за вода Нерези-Лепенец.

ВОДАТА НЕ СМЕЕ ДА СЕ ЗАГРОЗИ НА НИТУ ЕДЕН НАЧИН.

БИЛО КОЈ ПОЕДИНЕЦ, БИЛО КОЈА ПАРТИЈА, БИЛО КОЈА КОМПАНИЈА, МОРА ДА ПРЕЗЕМЕ МАКСИМАЛНА ОДГОВОРНОСТ ЗА СВОИТЕ КРИМИНОГЕНИ ПОСТАПКИ.